Повеќе од сон, повеќе од замисла
Светските Обединети Колеџи (United World Colleges - UWC) е единствената меѓународна организација која што образува ученици од сите краишта на светот, внимателно избрани преку нивните Национални Комитети, земајќи го предвид нивниот академски успех и потенцијал, без разлика на финансиската состојба. Овие ученици живеат и учат заедно во еден од 13-те колеџи низ целиот свет, а ја следат најпрестижната подготвителна програма за понатамошни додипломски студии, Меѓународната Матура, или во светот попозната како International Baccalaureate (IB).
Денес, просечно 70 националности се застапени во Колеџите, уште повеќе посочувајќи ја важноста за прифаќање на нови, различни култури. Пристапот на работа и воопшто, целата атмосфера им става до знаење на сите ученици дека образовниот дел е исто толку важен колку и социјализацијата.
Македонскиот Национален Комитет е реконструиран 2010 година според вредностите и начелата на движењето на СОК. Составен од поранешни ученици и волонтери, Комитетот на Р. Македонија се обврзува на фер и транспарентен изборен процес на учениците, како и застапување на СОК на територијата на Република Македонија.
СОК создаваат образование коешто ги обединува луѓето, нациите и културите за остварување на мир и одржлива иднина.
|