Application

FAQ    

За Ученици

Јас не исполнувам некој критериум наведен во апликацијата. Дали сепак постои можност да ја примите мојата апликација?
- Да, постои можност. Пратете маил на info.sok.uwc@gmail.com со објаснување за Вашата ситуација.
                                   
Дали може да користам есеј кој го имам напишано во друга пригода?
- Секако дека може се додека тој е личен труд и доколку есејот е објавен некаде, Ве молиме наведете го тоа. Сепак, ние би биле позадоволни ако одберете друга тема на која би напишале есеј, а „стариот“ есеј би го доставиле како додаток кој ние со задоволство би го прочитале.
                                   
Видов дека имате понудено места само за неколку колеџи, но не и за колеџот кој мене најмногу ми се допаѓа. Дали е можно да аплицирам за тој колеџ?
- Не е можно да аплицирате токму на тој колеџ, исто како што не е можно да аплицирате само за еден од понудените колеџи. Комитетот има различни искуства од различни колеџи и веруваме дека ќе можеме да го одредиме кандидатот е најсоодветен за секој колеџ. Иако секој од колеџите е уникатен, сепак сите имаат речиси идентична образовна програма и сите ги делат вредностите на движењето на СОК.
                                   
Заинтересиран сум за посетување на образовна институција која не е поврзана со движењето на СОК. Дали е можно да добијам финансиска помош за остварување на оваа цел?
- За жал не. Ние ги поддржуваме сите млади кои имаат желба за стекнување на што е можно подобро образование, но нашата цел е овозможување на младите од Македонија да го искусат движењето на СОК колку што е можно повеќе и поради ограничените средства ние мораме да се фокусираме на оваа мисија во целост.

Дали е гарантирано дека ќе можам да студирам во странство откако ќе завршам СОК?
- Ниту еден колеџ не гарантира успешно запишување на факултет, но сите колеџи нудат опсежна подготовка и поддршка за учениците во текот на нивниот престој, а и потоа ако тоа е потребно. Имајќи го тоа на ум, учениците од сите колеџи се имаат запишано на најпрестижните факултети ширум светот, најчесто со целосни или делумни стипендии. Не само „IB-програмата“ (Меѓународна матура), туку и целото искуство од СОК високо се цени од најдобрите универзитети низ светот и тие со задоволство ги бараат учениците на СОК.

Ми се допаѓа концептот на мултикултурализам и запознавањето на луѓе од целиот свет, но колку навистина се добри колеџите на образовен план?
- Меѓународната матура е високо ценета во академскиот свет насекаде. СОК е движењето кое на некој начин ја спаси оваа програма со спроведување и подобрување од година во година. Учениците од секој колеџ просечно постигнуваат резултати далеку над светскиот просек, со тоа што Ли По Чун Колеџот од Хонг Конг, кој постои помалку од 20 години, постојано е во врвот и повеќе години го има највисокиот просек и/или најмногу одлични оцени (45 е максималниот број на бодови кои еден ученик може да ги добие земајќи ги вообичаените 6 предмета).

Дали образованието на еден од  СОК е подобар од образованието во македонските јавни или приватни средни училишта?
- Изучувањето на Меѓународната матура е достапно во неколку училишта во Македонија, исто како и можноста на образување на англиски јазик, како и високо ниво на мултикултурализам и живеење на студентски кампус. Сепак, наш субјективен став, поткрепен со факти, е дека СОК колеџите се со повисок квалитет од која било институција во Македонија, практично во секој поглед, од образовно до културно и социјален аспект. Имајќи го тоа на ум, мораме да кажеме дека искуството од СОК-колеџите е уникатно и интензивно. Задачата на Македонскиот Национален Комитет е да ги одбере учениците кои најдобро ќе можат да ја претстават Македонија во колеџите, но исто така оние ученици кои ќе бидат среќни и ќе имаат корист од престојот во тие колеџи.
                                   
За Родители


Дали смеам да му помагам на моето дете во припремањето на апликацијата?
- Ние најискрено се надеваме дека целиот селекционен процес, вклучувајќи ја и апликацијата, е и едукативен процес за апликантите, и се надеваме дека прашањата на апликацијата се добар почеток за една продуктивна дискусија. Затоа во целост ги поддржуваме дискусиите кои би ги воделе со кандидатите. Сепак, ние сме против какви било интервенции и сугестии во изработката на апликацијата. Всушност, никој друг освен кандидатот не смее да има увид во својата апликација.

Дали мојот статус во општеството влијае на изборот на моето дете?
- Категорично не. Шансите на кандидатот да биде избран за да присуствува на интервјуата нема никаква поврзаност со финансиската и општествена ситуација на неговите родители. Иако  бараме лични податоци на родителите во нашата апликација, доколку мислите дека има можност шансите на кандидатот да се променат од горенаведените причини, кандидатот смее да ги остави празни полињата наменети за информации на неговите родители.

За Просветни Работници


Дали може да предложам мој ученик за стипендијата?
- Иако не е официјално побарано од апликантите, ние секако позитивно гледаме кон препораките од професорите. Пред сè, бараме професорот да ни каже нешто специфично токму за тој/таа ученик/чка и нешто што ние не можеме да го дознаеме од апликацијата. Сите препораки, како и коментари и сугестии во врска со работата на комитетот ние детално ги разгледуваме. Можете да ги пратите на адресата info.sok.uwc@gmail.com.

Дали смеам да им помагам на моите ученици во подготвувањето на апликацијата?
- Ние најискрено се надеваме дека целиот селекционен процес, вклучувајќи ја и апликацијата, е и едукативен процес за учениците и се надеваме дека прашањата на апликацијата се добар почеток за една продуктивна дискусија. Затоа во целост ги поддржуваме дискусиите кои би се воделе со и меѓу учениците, без разлика дали тие се заинтересирани за аплицирање или не. Сепак ние сме против какви било интервенции и сугестии во изработката на апликацијата. Всушност, никој друг освен кандидатот не смее да има увид во својата апликација.

Дали движењето на СОК е штетно за Македонија бидејќи ги одзема најдобрите ученици од училиштата во Македонија?

- СОК има за цел да оформува светски лидери и лидери во заедниците на учениците, без разлика на нивните професии, етнички или родови определби. Во последниве петнаесетина години, колку што се испраќаат ученици од Македонија, некои од учениците се вратиле веднаш по завршувањето на средното училиште, додека други сè уште се на студиски или веќе работен престој во странство. Сепак, сите тие имаат дадено значаен придонес за Македонија, не само како своевидни амбасадори на Македонија во колеџите, туку и подоцна преку пренесување на стекнатите искуства во Македонија, па дури и во работата на комитетот.