Процес на избирање
Процесот на избирање се состои од 3 фази коишто имаат за цел да го проценат не само академскиот потенцијал на кандидадот, туку и неговата/нејзината ментална и психичка подготвеност за школување на еден од СОК.
Во првата фаза, учениците испраќаат пополнети пријави коишто се состојат од основни податоци и 2 есеја, еден на македонски, а другиот на англиски јазик. Апликацијата е рагледувана од повеќе членови на Националниот Комитет и врз база на неа се одлучува дали е адекватно кандидатот да се повика во следниот круг. Можете да ги разгледате апликацијата од оваа година, како и од минатите години на линкот „Апликација“ од десната страна.
Втората фаза од процесот на избирање се состои од еднодневни (доколку најдеме средства и повеќедневни) активности каде учениците имаат можност да се запознаат со другите кандидати и со членовите на комитетот. Планирани се групни дискусии, индивидуални интервјуа, како и други активности кои ќе им дадат можност на кандидатите да ги искажат своите идеи и ставови, како и нивната способност на комуницирање на англиски јазик.
Третата фаза од процесот, во која само дел од учениците кои учествуваат во втората фаза се повикани, се состои од изработка и спроведување на проект кој кандидатот го креира сам или со други кандидати. Проектот треба да биде активност која ќе и помага на заедницата. Важен сегмент на проектот се масовноста, т.е. вклучување на други лица и институции во проектот, како и одржливоста, односно бенефитот на активноста по нејзиното завршување. Комитетот нема да понуди проекти или идеи и нема да обезбеди финансии за спроведување на проектите. Сепак, Комитетот ќе им помогне на кандидатите, нормално во рамките на своите можности, да ги остварат своите идеи и визии. Кандидатите ќе мора да напишат извештај каде што ќе го објаснат проектот, ќе ги презентираат чекорите за негово имплементирање (и успешните и неуспешните), како и понатамошните идеи за негова надоградба.
Финалната селекција ја прави комитетот врз база на перформансот на кандидатите во сите три фази.
Откако ќе заминат на Колеџите, започнува 2-годишниот период на поддршка на избраните кандидати. Комитетот се обврзува да биде, не само телото коешто ги избира учениците, туку и институцијата којашто ги поддржува на сите начини на кои може во текот на нивното учење. |